Бауш: Потребно е создавање на единствен економски простор на Западен Балкан, но најголем проблем е инфраструктурата и поврзаноста

Барање за единствен економски простор на Западен Балкан, Бауш за „Локално“: Идејата е одлична, но да не се оди по стапките на „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Фејсбук

Од економски план, идејата е за поздравување. Истото го мислев и кога почна војната во Украина и кога многу странски инвестиции кои оперираа во Русија, заради санкциите се тргнаа од таму. Дадов едно мислење дека балканските пазари, затоа што не можат поединечно, да направат еден вид на фузија на нивните економии, за да можат да ги привлечат странските инвестиции од Русија. Компаниите како Пежо и другите кои се тргнаа од пазарот на Русија, да се обидеме да ги привлечеме, вели економскиот аналитичар Абил Бауш за планот на Марко Чадеж, претседател на Српската стопанска комора за брзо создавање на единствен економски простор на Западен Балкан.

Според Бауш, идејата да се направи една добра и јака локална економија е еден вид на добар предзнак. Сепак предупредува дека мора да се има едно на ум – да не се оди како со иницијативата „Отворен Балкан“.

-Тоа беше повеќе политичка фузија на соработка од политички аспект, а не на економски. Берлинскиот процес ни дава многу поголеми можности да бидеме заедно, да можеме заедно да учествуваме и овие држави на Западен Балкан да се фузираат и на економски и човечки потенцијал, од речиси сите сфери за да можеме заедно да настапиме на регионалните пазари, истакнува соговорникот.

Во време на геополитички превирања, технолошка револуција и преместување на синџирите на снабдување, запрашан дали е неопходно вакво здружување на силите и од каде очекува најмногу отпор, Бауш анализира дека со зголемување на технологијата и поставување на друга цел како на пример помалку стока, за побрзо да има движење, ние сме во момент кога геополитичките превирања ги гледа како можност за да можеме да ја искористиме и повеќе да работиме.

-Ограничувањата се политички и сите на Балканот имаме свои приказни, но и тоа не го гледам како проблем. Голем проблем е инфраструктурата и поврзаноста. Ако погледнете, ќе видите дека возовите и речиси да не се движат, нема поврзување со железница, а нема ниту добро поврзување и по земјен пат. Сега се обидување да направиме некое поврзување, но сите народи на Балканот како да се разделени по релјефен пат. Не се обидуваат да се поврзат за да дадат некаков сигнал дека можат и економски да соработуваат. Географски имаме бариери за да нема соработка, оценува аналитичарот.

Бауш апсолутно се согласува дека еден ваков „единствен економски простор на Западен Балкан“ би можел заеднички да конкурира и да донесе вредност на економиите поединечно.

-Имаме економии на Балканот и кои во многу ситуации можат да бидат локомотиви на економскиот раст во одредени сектори како градежен сектор, индустријализација, туризам, финансии…Можат финансиски да се најдат и меѓусебно да се поврзуваат и да направат размена на човечкиот потенцијал. Тогаш секоја економија посебно би имала добар бенефит. Сепак, најпрвин ние мораме да ги отвориме нашите економии меѓусебе, немаме меѓусебна соработка. Правиме производи и наместо да не произведуваме нешто што можеме поевтино да купуваме, правиме обратно – се обидуваме да конкурираме меѓусебе во одредени производи. Ако влеземе во регионална соработка, ќе треба да видиме каде се нашите предности како локални економии, а потоа да влеземе во регионална соработка. Тоа е за пазарот да може да биде поконкурентен на тие производи, порачува економскиот аналитичар.

Марко Чадеж – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Ново утро

Чадеж пред неколку дена изјави дека единствениот начин да се надминат предизвиците е да се испрати јасна порака до политичарите и креаторите на политики во регионот. Како што истакна, „мора да зборуваме со еден глас, без оглед на тоа дали сме повеќе Срби, повеќе Бошњаци, повеќе Хрвати, повеќе Албанци, бидејќи тоа нема да ни помогне да го надминеме претстојниот предизвикувачки период ако не седнеме заедно и не создадеме заеднички политики“.

Решението лежи во формирање совет на министерско ниво, на ниво на шефови на држави на земјите и во обединет глас на регионот на Западен Балкан, така што тој ќе стане дел од единствениот пазар на Европската Унија што е можно поскоро и пред полноправно членство.

„Од нас зависи брзо да создадеме единствен економски простор на Западен Балкан и сериозно да разговараме со Европската Унија што е можно поскоро, бидејќи, ми се чини, нема друг начин да се преживее“, нагласи Чадеж.

Тој додаде дека е време помалку да размислуваме за себе, а повеќе за тоа како ќе создадеме раст во нашиот регион, како ќе вработуваме луѓе во нашиот регион и како ќе живееме нормално.

Н.П.

Слични содржини