Економскиот раст во ЕУ и еврозоната, според најновите прогнози што Европската комисија ги објави во понеделник, е забавен и годинава би требало да изнесува 0,8 отсто во ЕУ и еврозоната наместо претходно предвидените 1 отсто. Растот во текот на 2024 година треба да биде 1,3 отсто во ЕУ, што е исто така под претходните очекувања кои предвидуваа раст за следната година за 1,7 отсто.
Во летните економски прогнози што ги објави Европската комисија за шесте најголеми земји членки и просеците за ЕУ и еврозоната, се наведува дека и покрај предизвиците, растот се уште се бележи, но дека тој значително забавил.
Комисијата очекува и континуирано забавување на инфлацијата, која треба да изнесува вкупно 6,5 проценти во ЕУ оваа година и 3,2 проценти следната година.
Причините за забавувањето на економскиот раст се намалувањето на економските активности во првата половина на 2023 година, послабата домашна побарувачка и растот на цените на повеќето производи, што влијаеше и на намалување на потрошувачката на домаќинствата. Послабата потрошувачка дојде и покрај намалувањето на цените на енергијата и неочекуваното зајакнување на пазарот на труд и растот на платите. Според Европската комисија, економијата била погодена и од забавувањето на деловното кредитирање од страна на банките. Овие околности, без оглед на силната и успешна туристичка сезона во многу делови од Европа, ќе продолжат да имаат влијание врз забавувањето на економските активности.
Од шесте најголеми економии на ЕУ, Германија како најголема економија на ЕУ годинава ќе има минус од -0,3 отсто, а следната година би требало да има раст од 1,1 отсто. Се предвидува дека Франција ќе порасне за 1 отсто оваа година од 1,2 отсто следната година. Холандија ќе има скромен раст од 0,5 отсто оваа година и 1 отсто следната година. Италија ќе забележи раст од 0,9 проценти оваа година и 0,8 проценти следната година. Полската економија ќе порасне за 0,5 проценти оваа година и 2,7 проценти следната година. Според овие прогнози, Шпанија треба да порасне за 2,2 отсто, а следната година за 1,9 отсто.
Комисијата наведува дека трендовите во глобалната економија се нешто подобри од очекуваните, без оглед на слабите перформанси на Кина. Но, Комисијата предупредува дека ЕУ не може премногу да смета на растот на побарувачката од другите пазари како можна помош за растот на економијата. Затоа Комисијата предвидува забавување на растот, особено во светло на намаленото кредитирање од страна на банките, повисоките каматни стапки и построгите услови на финансискиот пазар.
Попрецизни прогнози, вклучувајќи ги и оние за сите земји-членки, Европската комисија ќе објави во ноември.