БДП на еврозоната опадна за 3,6, вработеноста за 0,2 проценти

од Vladimir Zorba
245 прегледи

Бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната падна за 3,6 проценти во првите три месеци од оваа година во однос на претходниот квартал, или 3,1 процент на годишно ниво, покажуваат во вторникот сезонски прилагодените податоци од статистичката служба на Европската унија – Евростат.

Ова е помал пад од 3,8 проценти, колку што проценуваше Еуростат, но сепак е најголем од 1995 година, кога датира статистиката, пренесува Танјуг.

Во исто време, економијата на 27-члената Европска унија опадна за 3,2 проценти во првиот квартал во однос на претходниот, што е исто така и најголем регистриран пад досега, според официјалната веб-страница на Евростат.

Ваквите движења се резултат на нагло опаѓање на потрошувачката на домаќинства и инвестиции, како резултат на итни мерки воведени во средината на март за борба против пандемијата на коронавирусот.

Потрошувачката на домаќинствата во еврозоната опадна за 4,7 проценти во овој период. Поради затворањето на продавниците, рестораните, кафеаните, инвестициите паднаа за 4,3 проценти, а извозот за 4,2 проценти.

Бројот на вработените во монетарниот блок исто така опадна за 0,2 проценти во првиот квартал во однос на претходните три месеци, што е прв пад од пролетта 2013 година, според податоците на Евростат.