По ДУИ и Бошњачкиот демократски сојуз реагираше на посетата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик по повод Светосавската академија. Од партијата критикуваат што Додик бил примен во Министерството за односи меѓу заедниците, а е на црната листа на САД поради геноцидна политика и корупција.
-Ова е огромен удар за угледот на нашата земја во меѓународната заедница и се поставува прашањето дали оваа Влада воопшто ги негува европските вредности во контекст на почитување на човековите права и слободи и цивилизациски вредности утврдени со меѓународните акти, на врз основа на која одредени лица беа осудени за геноцид и чиј Додик ја изгради и одржува својата политичка кариера преку глорификација и говор на омраза!
Ова сериозно ја доведува во прашање нашата стратегија за евроинтеграции и меѓународни односи, велат од БДС преку соопштение.
Претходно од партијата на Али Ахмети соопштија дека „ова е тешка навреда“, како што велат, човекот на Путин и негатор на Сребреница да биде почесен гостин во Министерството задолжено за примена на Охридскиот рамковен договор. ДУИ прашува каква порака испраќа Владата, особено кон граѓаните Албанци.
Ова е денот кога сите се чувствувавме навредени. Денес сите се срамиме. И денес сите сфативме дека оваа влада ја помина секоја црвена линија. Овој срам никогаш не треба да се заборави, порачаа од партијата на Али Ахмети.
Додик беше во Скопје како дел од чествувањето на празникот Свети Сава и присуствуваше на Светосавската академија одржана во МНТ. Тој во своето обраќање пред присутните гости, порача дека Македонија е пример за непринципиелноста на Европската унија. Тој меѓу другото, зборуваше и дека покрај тоа што Македонија е дел од НАТО, Србија и Република Српска никогаш не би можеле да бидат дел од најголемиот воен сојуз во светот.