Петмесечно бебе се лекува на детското одделение во Прилепската болница. Кај бебето од селото Житоше, Долненско, е констатирана голема кашлица, иако има примено прва доза на вакцина. Родителите се загрижиле кога нетипично кашлало и повраќало.
Од Центарот за јавно здравје веднаш почнале со епидемиолошкото истражување, посебно кај возрасните и другите лица кои имале контакт со бебето и за нивниот вакцинален статус.
Ова е всушност втор случај на пертусис од прилепскиот регион. Пред еден месец е констатиран кај уште едно петмесечно бебе од долненското село Дебреште, но било со лесни симптоми и веќе е оздравено. И тоа бебе имало примено прва доза вакцина.
Опфатот на вакцинирани во Прилеп е преку 90 насто. Од диспанзерот почнаа теренска вакцинација во пресрет на неделата за имунизација.