Спенсер Елден, чија фотографија беше искористена за покривање на една од најпознатите плочи во историјата на рок музиката, албумот на Нирвана „Nevermind“, поднесе тужба против бендот, тврдејќи дека бил сексуално искористуван како бебе. Елден имал четири месеци кога бил фотографиран гол за корицата од 1991 година.
Во тужбата поднесена до Окружниот суд во Калифорнија против неколку лица, вклучувајќи ги и преживеаните членови на групата Нирвана и Кортни Лав, вдовицата на водачот на бендот – Курт Кобејн, како и против дискографските компании што го објавија и дистрибуираа албумот, Елден тврди дека обвинетите произвеле детска порнографија, пренесе „Гардијан“. На фотографијата се гледа како неговите гениталии пливаат во базенот покрај банкнота од еден долар.
Елден тврди дека поради таа фотографија, претрпел „доживотна штета“, вклучувајќи „екстремни и трајни емоционални тешкотии со физички манифестации“, како и губење на образованието, плата и „уживање во животот“. Во тужбата се наведува дека фотографијата е сексуално експлицитна, како и дека Елден изгледа како „сексуална работничка која зграпчува банкнота од еден долар“.
Тужителот бара отштета од најмалку 150.000 долари од секој од 15 -те обвинети, плус надомест на трошоците, и бара порота на судење. Авторот на сликата уште порано рече дека Елден заслужува да заработи дел од таа фотографија од корицата, бидејќи сите други заработија многу пари на неа.
Во обвинението се наведува дека Елден никогаш не бил платен за да се појави на насловната страница и дека неговите родители никогаш не потпишале согласност за објавување на фотографијата. Медиумите претходно објавија дека Елден за фотографијата добил 250 долари. Во неговите претходни изјави, тој зборуваше за фотографијата што го одбележа неговиот живот, но тој не сугерираше дека правдата ќе ја бара на суд.
Елден има тетоважа „Nevermind“ преку градите.