Беџети ја нарече Финансиската полиција „организирана банда што ги извршува политичките наредби на Мицкоски“

„Оваа кривична пријава е политички мотивирана и целосно неоснована. Таа е дел од прогон организиран од Владата и самиот премиер Мицкоски, со цел зголемување на парламентарното мнозинство преку притисок врз пратениците на ДУИ“, изјави Беџети на прес-конференција

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Принтскрин

Поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети ги негира обвинувањата на Финансиската полиција, која вчера поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопјe, поврзувајќи го со наводна штета од над 108 милиони денари. Беџети го опиша случајот како политичка монтажа, според него од самиот премиер Христијан Мицкоски за вршење притисок врз пратениците на ДУИ.

„Оваа кривична пријава е политички мотивирана и целосно неоснована. Таа е дел од прогон организиран од Владата и самиот премиер Мицкоски, со цел зголемување на парламентарното мнозинство преку притисок врз пратениците на ДУИ“, изјави Беџети на прес-конференција од Собранието.

Беџети ги отфрли сите овие обвинувања, нагласувајќи дека сите општински постапки биле спроведени според законот, со валидни документи и во рамките на дефинираните надлежности.

„Немало никаква умисла, никаква корист и никаква штета за општината“, рече тој. Според него, издавањето градежни дозволи е законска надлежност на градоначалникот и не претставува кривично дело, додека урбанистичкиот план врз кој се темелеле дозволите бил валиден.

Тој го опиша како „измислена лага“ тврдењето на институциите дека е предизвикана штета од 108 милиони денари, велејќи дека станува збор за пропаганда. Во својата изјава, Беџети најави поднесување постапки против директорот на Финансиската полиција, неговиот заменик и уште двајца функционери, кои ги нарече „организирана банда што извршува политички наредби“.

„Ќе докажеме со докази дека наредбите доаѓаат директно од премиерот Мицкоски. Ние не се плашиме и нема да се потчиниме на никого“, нагласи тој.

Во својот говор, поранешниот градоначалник рече дека овој напад не е само против него, туку и против „политичкото достоинство на Албанците и нивните легитимни претставници“, додавајќи дека ДУИ „не се плаши и нема да се продаде“, најавувајќи дека борбата за еднаквост и достоинство ќе продолжи. Тој повтори дека нема да молчи и дека вистината ќе се докаже „правно, институционално и политички“.