Беџети по завршувањето на замрзнатите маржи: Општата оценка преку стабилизирање на инфлацијата не може да биде индикатор за мерење на конкретна мерка

Либерално-пазарната економија создава многу „дупки“ преку други лавиринти да се формираат малопродажните цени, вели проф. Беџети за „Локално“

од Nikola Popovski
107 прегледи

Ефектите на мерката за ограничување на цените пред два месеци треба Министерството за економија да ги пресмета и објави за да може да се оцени колку беа ефективни. Општата оценка преку стабилизирање на инфлацијата не може да биде индикатор за мерење на конкретна и таргетирана мерка, затоа што инфлацијата преставува општото ниво на цените мерено според индексот на цените на потрошувачката додека мерката за ограничување на цените беше специфична за одредени (претезхно основни) производи, вели во разговор за „Локално“, академикот и професор по економија, Абдулменаф Беџети откако заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20-ти февруари.

Според него, сигурно дека имало одредени ефекти, но не може паушално да се оцени колку, како, кај кои потрошувачи и слично.

-Ако се прашуваат потрошувачите кои се виновни за зголемените цени, во прв ред ја наведуваат Владата потоа трговците и на трето место пак политичарите (Истражување на „Finance Think“ на крај на 2023 година) што подразбира дека пак ги обвинуваат носителите на одлуките и покрај тоа што Владата не ги креира цените. Не е едноставно да се ограничуваат цените или да се замрзнуваат целосно и покрај тоа што се донесе и законско ресхение за нефер трговија. Либерално-пазарната економија создава многу „дупки“ преку други лавиринти да се формираат малопродажните цени. Затоа најдобри мерки се комбинираните – со таргетирање што помал број на производи за да можат поефикасно да се мониторираат и контролираат како и преку субвенционирање на најзагрозените семејства исто така со посебни таргетирани критериуми, посочува професорот.

За новата потрошувачка кошничка која ќе ја креира Владата, Беџети објаснува дека самиот назив „минимална потрошувачка кошница“ подразбира најосновни производи и услуги кои обезбедуваат пристојно живеење на едно семесјтво (четиричлено или ако социјалните статистики покажуваат друга социјална структура и тричлено семемсјтво) и покрај тоа што е релативно што е пристоен живот.

Во принцип, истакнува професорот, потрошувачката кошница, барем методолошки да се утврди согласно стандардите на ЕУ имајќи ги предвид специфичностите на соодветната земја.

-Нејзиното креирање не може да биде арбитрарен и само технички процес туку преку анализи и дебата со сите актери и фактори од Влада (Министерство за економија, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за финансии, Државен Завод за Статистика), невладиниот сектор, претставнички синдикати и др.

Владата создавала основен концепт за минималната потрошувачка кошница без задржување во неа на луксузни производи што сметам дека е апсолутно во право. Не само што не треба да содржи алкохолни пијалоци, цигари, увозно овошје туку по принцип треба сите штетни производи по здравје да ги исклучи, констатира соговорникот и додава дека содржината е многу дискутабилна и комплексна тема.

-Дебатите од типот дали децата на поскромните семемсјтва можат да вкусат хамбургер еднаш неделно дури се банални. Хамбургерот и не е луксузен производ! Се разбира дека не би требало минимална кошница да содржи авокадо, лакс или пак сувомеснат специфичен увозен производ, увозно швајцарско или француско сирење и кашкавал, но би требало да содржи годишен одмор со престој во домашни рекреативни и одморалишни центри (езера, планини, бањи) за едно семејство од најмалку седум дена просечно сместување и престој (до капацитети со три звездички).

Структурата и обемот на потрошувачката кошница како основен социо-економски модел треба да биде динамички концепт кој ќе се оценува и вреднува во одреден временски период, а утврден по транспарентна, инклузивна и одговорна методологија според стандардите на земјите-членки на ЕУ, заклучува Беџети.

Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто се продаваа млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираните зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините имаа ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничи на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена за ограничувањата беше земена онаа што важела на 1 февруари годинава.

Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците. Секоја манипулација, според премиерот, ќе се казнува. Христијан Мицкоски ја оцени мерката како успешна.

-Такви трикови нема да дозволиме да се случат, некој може да се обидува да се служи со такви трикови, но тоа нема да се случи. Лично разговарав со министерот и со директоорт на Државниот пазарен инспекторат за засилена контрола не само кај трговците, туку и кај дристрибутерите и производителите, да видиме да не има некои трикови кај влезните фактури, не само во однос на цените на рафтовите, потенцира премиерот.

Според него, добро е што изминатите два месеца мерката со замрзнувањето на маржите дисциплинирано се спроведуваше.

-Тоа доведе до намалување на цените и смирување на инфлацијата и сега, за еден месец имаме негативна инфлација или дефлација од -1,3 отсто, додека на годишно ниво најниска во регионот и меѓу најниските во Европа, 2,7 отсто. Ќе ја следиме ситуацијата и нема да дозволиме стихијно однесување на пазарот, порача Мицкоски.

Мерката за ограничување на маржите заврши на 30-ти април. Опфатени беа 102 групи производи.

Н.П.

Слични содржини