Беџети: Претседателот на Уставниот суд вчера пееше како Чолиќ и зборуваше за политички теми

од Nikola Popovski
139 прегледи

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт и член на ДУИ, Блерим Беџети го критикува претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски што се впуштил во реторика и јавно зборувал за балансерот пред медиумите.

-Сто пати употреби збор „лага“ од политичарите, а пееше како Здравко Чолиќ со микрофон и зборуваше за политички теми. Ние не можеме да се сложиме со етничка мајоризација. Сакам само да ве потсетам дека Рамковниот договор и принципот на Бадентер е донесен за да нема мајоризација. Ова со Уставниот суд се флоскули, кажа Беџети во емисијата „Само вистина“ во обраќање до неговиот колега од Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Беџети ги критикуваше и членовите на Владата од редовите на коалицијата ВЛЕН, нарекувајќи ги „поданици“.

-Предвреме знаеше премиерот Христијан Мицкоски како ќе се одвиваат настаните во Уставниот суд и најавуваше колку одредби ќе се укинуваат. Сакам да стане јасно дека ако го почитуваме Рамковниот договор, ќе се почитуваат сите институции и одлуки кои произлегуваат од Уставот. Не случајно за Преспанскиот договор и Законот за јазици има заклучок од самиот Уставен суд дека треба да присуствуваат сите судии. Сите проблеми почнаа од Уставниот суд, кажа пратеникот.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски вчера на прес-конференција порача дека нема да дозволи надлежниот орган да биде уценуван и нема да дозволи да биде под притисоци и закани.

-Денешната одлука не сакам да бидам разбрана како слабост или подлегнување под нечиј притисок. Ние продолжуваме со постапувањето по тој предмет кој е најстар во Судот. Нашата денешна одлука треба да биде толкувана како врвен чин на одговорен пристап и највисока почит и должност кон граѓаните – да не дозволиме да бидат манипулирани и лажени од политичарите, рече Костадиновски, по што кажа во што се состојат лагите и манипулациите на политичарите околу Законот за употребата на јазиците.

-Првата лага со чувствата на граѓаните е Уставниот суд извршува политички програми и дека сме параполитичка организација или дека сме посакувале дестабилизација. Ова е апсурд. Не ми е јасно како некој очекува Уставниот суд за било кое прашање да одлучува, да прашува или да прави комприси. Тоа не е правна држава. Ако некој сака да продолжи да глумиме владеење на правото и да се чудиме како повторно некој не квалификува како заробена држава или хибриден режим, тоа не е наш проблем. Кога ќе ги слушнам тие прашања – зошто сега? Како зошто сега? Зар пет години е мал временски период? Најчесто го слушам и прашањето дека коинцидирало со ставовите на некоја партија за балансерот и јазиците. Ако тоа прашање било решено досега, ние немаше да бидеме тука, а ние еднаш мораме да го решиме. Кого да прашаме кога треба? Кога е соодветно време? 2030 година?, праша претседателот на Уставниот суд.

Уставниот судија исто така рече дека е лага дека наводно се доведувало во прашање правото на користење на албанскиот јазик.

Слични содржини