Феноменот на вртоглаво и перманентно поскапување на малопродажните цени и кај нас и во регионот, секако со право создава фрустрации кај потрошувачите и сметам дека тие треба да се приклучат на иницијативата за бојкот на главните маркети и нивните синџири и во Македонија. Не дека со ова ќе се постигне некоја цел во однос на динамиката на потрошувачките цени, туку напротив да се создаде свест за колективна реакција на потрошувачите, смета академикот и професор по економија, Абдулменаф Беџети за најавениот бојктот на супермаркетите, продавниците и бензиските пумпи поради високите цени на производите. Оценува дека кога надлежните институции, регулаторите и контролорите немаат ефективни решенија, самите потрошувачи треба да ја преземат својата судбина во свои раце.
-Таканаречениот Закон за нефер трговски практики сè уште не воспоставува никаков ред во секторот. Лично, сум скептичен дека преземањето акција преку бојкот би имало каков било конкретен ефект, знаејќи ја нашата потрошувачка култура и „толеранција“, но, ако ништо друго, барем „едукативно“ ќе придонесат за подигнување на свеста за заеднички глобален одговор за проблемот кој ги тангира сите граѓани, без разлика на нашите разлики (имотни, етнички, верски, културни итн.), вели Беџети во разговор за „Локално“.
Истовремено, смета дека ниту неодамнешниот предлог на опозицијата за укинување на ДДВ од 5 отсто за основните прехранбени производи нема да помогне да се смири спиралата на малопродажните цени бидејќи многу брзо ќе биде „присвоена“ од пазарџиите. Тоа не е решение, додава Беџети.
-Предлогот може да биде дневна популистичка политика дури и за оние кои воведоа диференцирана стапка на ДДВ од 10% за некои производи кои претходно имаа стапка од 5%! Дури и воведувањето на таа стапка е оправдано не само од фискална гледна точка, туку и од праведен аспект, објаснува експертот.
Беџети вели и дека политичките субјекти кои би требало нешто да преземат, како на пример, партијата Левица, „не се заинтересирани бидејќи пресметале дека не е толку „политички исплатливо“ ваква иницијатива кога занимавањето со националистички теми се уште, за жал „носи поголем политички принос“. Според него, „другата опозиција и нема кредибилитет нешто построго да предлага затоа што таквото однесување на сопствениците на големите маркети не е од вчера“.
Во приватни капиталистички економии, во принцип цените ги регулира пазарот, т.е. понудата и потрошувачката, но кога имате алчни оператори (ненаситни со нормални профити) задолжително е институциите да ги преземат соодветните мерки за заштита на потрошувачите. Големите ланци на маркети во одредена доза имаат т.н.природен монопол во себе кој го злоупотребуваат.
-Во економската теорија е познат феноменот на „Greedflation“ кога големите маркети ги користаат и „предностите“ на (претходната) инфлација за да неоправдано ги зголемуваат своите маржи, дури и скриено со други оперативни трошоци (растовар, кало, растур,крш…)кои нашите контролни инспектори ниту се обучени ниту се вешти истите и да ги откриваат, а камоли и да ги спречуваат, анализа Беџети.
Попусто попусти“. „Бојкот на маркетите в петок“. „Никој да не купува“. Сè погласни се повиците на социјалните мрежи за најавениот бојкот, за да се изврши притисок врз трговците поради енормно високите цени. Се појавија и летоци.
„Имам разбирање за акцијата на граѓаните“ е ставот на премиерот Христијан Мицкоски за повикот на бојкот на маркетите в петок. Вели дека од самиот почеток зборува за однесувањето на поединци во овој бизнис кои се обидуваат да дојдат до голем профит. Информира дека пазарните инспекторати ја следат ситуацијата и навремено реагираат. Откри дека се почнати вонредни контроли во два големи продажни синџири поради сомнеж за изигрување на законите. Вели, однесувањето на маркетите го сфаќа како напад врз стандардот на граѓаните.
СДСМ ја повикува Владата да донесе мерки за заштита на граѓаните кои ги нуди опозицијата. Тврдат дека бојкотот против маркетите е и бунт против нечесната власт.
Економистите велат дека е добро и Македонија да го следи примерот на други земји од соседството. Сепак, тврдат дека револтот не смее да биде насочен само кон супермаркетите и бизнисмените, туку мора и кон политичарите.
Во Хрватска минатата недела почна бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. На 31-ви јануари, освен во Македонија, бојкот на трговските објекти е најавен и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Н.П.