Беџети: Сум поминал многу поголеми притисоци, нарачаните пријави не ме плашат

„Не мислете дека со овие операции, политички конструкции, фабрикувани кривични пријави или обиди за уцена можете да ме вратите назад, да ме исплашите или да ме натерате да отстапам од моите политички ставови“, порача екс-градоначалникот на Сарај откако беше обвинет дека фалсификувал градежна дозвола

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук

Се огласи пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети откако денеска Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство-Скопје поднесе кривична пријава против него и уште седум лица, поранешни функционери и службеници во општина Сарај и во Град Скопје, како и надзорен инженер. Беџети тврди дека нема да биде исплашен и обвинува за политички конструкции.

„Не мислете дека со овие „операции“, политички конструкции, фабрикувани кривични пријави или обиди за уцена можете да ме вратите назад, да ме исплашите или да ме натерате да отстапам од моите политички ставови.

Оваа влада, предводена од антиалбански и вазалски структури, тешко греши ако мисли дека може да го замолчи мојот глас и да ме заплаши.

Сум поминал многу поголеми политички притисоци од овие. Не отстапив тогаш и нема да отстапам ниту денес. Нарачaните пријави не ме заплашуваат. Напротив, ми даваат уште поголем мотив да останам на страната на граѓаните и да се борам за отчетност, правда и демократија.

Јас не се плашам. Вистината не се затвора со политички пријави“, порача екс-градоначалникот на Сарај.

Според обвинението, инволвираните лица се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во општина сарај иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина“, стои во соопштението од Финансиска полиција.

Пријавените лица, со незаконските дејанија му овозможиле на правен субјект од селото Глумово, општина Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108 милиони денари или нешто повеќе од милион и 700 илјади евра.