Пратеникот од ДУИ и коалицијата Европски фронт, Блерим Беџети застана во одбрана на својот партиски колега, екс-министерот за економија, Крешник Бектеши, кој е еден од обвинетите за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Беџети потенцира дека ако згрешил некој функционер од нивната партија, треба да одговара, но, како што вели, не поддржуват селективна правда.
-Не може министер каде што не ставил потпис, туку само делегирал овластување, да биде во притвор. Не можеме да се согласиме со злоупотреба на државни органи, но и со дефокус на медиуми каде што ќе се пренасочува. Сите што згрешиле треба да сносат одговорност, кажа Беџети на седницата на Анкетната комисија за трагедијата во „Пулс“.
Пратеникот на ДУИ замерува дека во случајот за оваа трагедија, немаше ниту една оставка од морални причини.
-Подобро ќе беше оваа Анкетна комисија, но и другата, во знак на морална одговорност, веднаш да се одржеа, уште пред почнување на судскиот процес.