Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека БЕГ има обврска да ги сторнира сметките за парно греење за месец август за кои реагираа дел од засегнатите граѓани, кои добија поголеми сметки.
-Сметките, поточно разликата во однос на цената што се донесе, ќе биде субвенционирана од страна на Владата. Сите потрошувачи на БЕГ плаќаат за сите 12 месеци, што значи дека управата на БЕГ треба да знаат дека Владата ги презема обврските. Тие се откажаа од лиценците и им се одземени од страна на РКЕ. БЕГ има обврска да праќа нови сметки кон потрошувачите. Тоа значи дека со топлинската енергија во Скопје, Владата преку ЕСМ се влезени во делот на менаџирање. Предвидено е со завршната сметка да има порамнување со постоечките податоци. БЕГ треба да ги исплати одредените долгови кон ЕСМ и тогаш ќе можат да ја добијат таа директна субвенција од Владата, појасни Бектеши од Белград.
БЕГ вчера информираше дека одлуката на Владата за субвенционирање е истечена на ден 30.04.2022 година, односно не постои правен основ за аплицирање на субвенции во авансните августовски фактури до потрошувачите.
Оттаму посочуваат дека редовна пракса е фактурите во месеците кога не се испорачува топлинска енергија да се доставуваат до потрошувачите на крајот од тековниот месец, а рокот за плаќање на истите како и секогаш е на 21-виот ден во следниот месец.
-Единствена причина за зголемувањето на сметките за топлинска енергија што ги добија граѓаните за август е тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата која што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје и од тие причини се значително зголемени, порача вчера претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и додаде дека сметките се зголемени за 40-тина проценти.