БЕГ се закани дека нема да испорачува топлинска енергија, додека вицепремиерот Битиќи категоричен БЕГ мора да испорачува топлинска енергија додека не се определи новиот економски оператор- од компанијата посочуваат дека договорот за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“ со „Адора“ е раскинат и договорот со ЕСМ е истечен.
– Согласно член 51 од Законот за енергетика БЕГ производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона, велат од БЕГ.
Од Владата, пак, смируваат дека скопјани ќе имаат парно и во согласност со Законот за енергетиката загарантирана е јавната дејност да се врши во целост, без прекин, соопштија од владината прес-служба.
Од тука наведуваат дека континуирано преземаат мерки за да се обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент, како што информираат од Владата, се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат тие, јавноста ќе биде навремено известена.
„Граѓаните на град Скопје ќе имаат парно во и согласност со Законот за енергетиката загарантирана е јавната дејност да се врши во целост, без прекин. Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени сѐ со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното“, се наведува во владиното соопштение.
Од РКЕ, пак, велат дека вршењето на јавната дејност производство на топлинска енергија од регулиран производител е прецизно дефинирана во Законот за енергетиката, каде што основниот императив на вршителот на јавна дејност е да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно производство на топлинска енергија.
„Ве информираме дека Законот за енергетиката, кој доби и зелено светло од Енергетска заедница, во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата во однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека сѐ до изборот на нов вршител на посочената енергетска дејност на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување јавна дејност. Обврската за вршење јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценцата (во случајот нов вршител на јавна дејност)“, наведуваат од РКЕ.