Албанскиот претседател Бајрам Бегај се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и во таа пригода изјави дека Албанците во Македонија постојано покажуваат дека се посветени на мирот и демократските вредности.
Во објава на Фејсбук, Бегај изјави дека секогаш му е задоволство да се сретне и да разговара со Ахмети.
„Албанците во С. Македонија се одлучувачки фактор во изградбата на државата и непоколебливи поддржувачи на евроатлантскиот пат на земјата, постојано покажувајќи ја својата посветеност на мирот, стабилноста, соживотот и демократските вредности“, порачува Бегај.
Преку објава на социјалните мрежи, од ДУИ информираат дека Ахмети разговарал за зајакнување на односите меѓу Македонија и Албанија, како и за важноста на продлабочувањето на регионалната соработка во интерес на стабилноста, развојот и целосната интеграција на нашиот регион во Европската Унија.
„Соработката меѓу нашите земји е клучна за градење мостови на разбирање, зајакнување на стратешките партнерства и давање на регионот јасна европска насока. Нашата заедничка посветеност кон европска иднина не е само политичка цел, туку заедничка визија за одржлив мир, економски развој и перспективи за нашите граѓани“, стои во објавата на Ахмети.