Бегалци од Мариупол: Во Азовстал 40 лица јадевме 6 конзерви храна еден месец

од Nikola Popovski
277 прегледи

Додека руската офанзива на северот и југот на Украина продолжува со несмален интензитет, со се повеќе жртви, првата група од повеќе од сто цивили, кои вчера го напуштија засолништето во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, пристигна во камповите во Запорожје и Донбас.

Во организација на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и придружувани од руски војници, првата група од стотина стари лица, жени и деца пристигна во селото Безимене, каде што беше поставен привремен камп.

„Војниците дојдоа и ги земаа првите 11 лица, оние кои беа тешко болни, имаа астма или им требаше инсулин. Таму останаа повеќе од 40 луѓе, меѓу кои и мали деца“, вели Јелена Ајтулова.

Таа сведочи за невозможните услови во кои живееле два месеци.

„Јадевме еден месец, повеќе од 40 луѓе, шест конзерви, зготвивме две кофи супа и тоа беше тоа“, вели таа.

Руската армија објави дека 126 лица го напуштиле Мариупол во безбедни конвои во текот на саботата и неделата. 57 од нив решиле да заминат во областа под контрола на сепаратистите, додека останатите решиле да заминат во деловите под контрола на Украина.

„Од 27 февруари живееме во подрум. Не излеговме бидејќи куќата ни е во непосредна близина на Азовстал. Цело време бевме гранатирани, а потоа почнаа воздушните напади. Нашата двокатна куќа беше целосно уништена “, вели Наталија Чинтомирска.

По редок период на молк што овозможи евакуација на луѓето од челичарницата Азовстал, објектот повторно се најде на удар на оган. Украинскиот командант во фабриката рекол дека ноќта била „бурна“. Советникот на градоначалникот на Мариупол вели дека генералната евакуација на жителите на градот е започната, но дека таа се одвива бавно.

Слични содржини