Во текот на вчерашниот ден, раководството на „Бехтел и Енка“ остварило средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и неговите соработници. На состанокот, кој бил реализиран на иницијатива на Азески, се разговарало за динамиката за остварување на планираните активности.
-Притоа од страна на претседателот Азески беше потенцирано дека за нас е многу значајно да завршат на време сите планирани активности бидејќи реализацијата на овој круцијален и најголем инфраструктурен проект е значаен не само за нашата држава туку и за целиот регион па и пошироко.
Од страна на раководството на „Бехтел и Енка“ беше подвлечено дека тие во моментот интензивно работат на сите подготвителни работи и теренски истражувања кои се важни за реализација на активностите и дека се во постојана соработка и координација со домашните надлежни институции во врска со тие активности, појаснуваат од Стопанската комора.
Раководството на „Бехтел и Енка“ побарало поддршка од Стопанската комора на Северна Македонија во насока на обезбедување на работна сила која за целиот планиран период додека ќе трае реализација на проектот треба да достигне бројка од 4.000 работници (квалификуван кадар-инженери и сл. како и неквалификуван кадар-општи работници).
-Стопанската комора на Македонија ќе поддржи секакво решение што ќе значи побрза и поквалитетна активност при реализација на овој проект (Коридорите 8 и 10д) со оглед на фактот дека сметаме дека ова е најзначаен инфраструктурен проект во наредните 10 години.
Двете страни се договорија и понатаму да ги продолжат контактите со засилено темпо со што би се олеснила реализацијата на овој проект. Во овој дел Комората стои на располагање и во изнаоѓање односно вмрежување со локалните домашни компании кои треба максимално да бидат вклучени при реализација на активностите во сите фази, стои во соопштението на СКСМ.
Компанијата „Бехтел“ е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално како фирма се рангирани како трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.
„Бехтел“ е основана во 1898 година од страна на Ворен Бехтел од САД. Листата на проекти што ги гради оваа компанија е многубројна. “Бехтел” има изградено повеќе од 27.700 км пат, 390 електрани, 50 хидроелектрични централи, работеле на 300 проекти за метро и железница, 80 проекти за пристаништа и 96 големи аеродромски проекти. “Бехтел” од 1898 година до денес има направено повеќе од 25.000 проекти во 160 земји на сите седум континенти кои создаваат работни места, ги подобруваат економиите, ја подобруваат отпорноста на светската инфраструктура, го зголемуваат пристапот до енергија и ресурси.
Компанијата „Енка“ е основана во 1957 година. Евиденцијата покажува дека, досега, “Енка” добила 577 проекти со вкупна договорна вредност од 61,5 милијарди американски долари во 54 земји. “Енка” брои над 20.000 инженерски и градежни персонал, а градежната опрема и машинскиот парк се состои од над 4.000 машини.
По една година од потпишувањето на договорот со конзорциумот за Коридорите, податоците од терен покажуваат дека нешто повеќе од половина од земјиштето низ ќе минуваат автопатите од коридорите 8 и 10 Д, е одземено. До крајот на 2023, извршена е експропријација на 58 отсто од приватниот имот, на кој ќе се градат патиштата.
Геотехничките испитувања, пак, одат поспоро. Таму е завршена само третина од работата, покажува Извештај на Супервизијата за прогресот на изградба на автопатите од коридорите 8 и 10 д, објавен на веб страницата на Јавното претпријатието за државни патишта (ЈПДП).
Американско – турскиот конзорциум Бехтел- Енка и државата пред една година (8 март 2023) склучија договор за изградбана четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“. Односно Бехтел и Енка ќе си изготват физибилити студија, ќе проектираат и целосно ќе го изведат проектот. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. Бехтел и Енка нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.