Бејли: САД би биле разочарани ако се стави ново вето за С. Македонија

од Nikola Popovski
798 прегледи

Поранешниот американски амбасадор во земјава, Џес Бејли смета дека би било разочарување доколку дојде до ново бугарско вето за европскиот пат на С. Македонија. Во интервју за ВОА, Бејли вели дека  „САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа“.

-За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата, оценува Бејли.

Тој вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур.

-Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа, истакнува Бејли во интервјуто.

Џес Бејли беше потврден како амбасадор на САД во Македонија, од страна на Сенатот, во декември 2014 и остана во Скопје до јануари 2019 година. Потоа беше наследен од Кејт Мери Бирнс, која ја номинираше администрацијата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.