Беќаровски со предлог: Секој понеделник тестирање на наставниците и учениците со симптоми

од Nikola Popovski
381 прегледи

Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за Токсикологија има неколку предлози околу тоа како утре треба да почне и да се одвива второто полугодие од учебната година.

Според него, утре сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во живо да се вратат во училишните клупи, а останатите (позитивните и тие кои се плашат од зараза) истата да ја следат онлајн, а да присуствуваат физички при тестирање и оценување.

-За сите наставници и ученици со симптоми да биде обезбедено тестирање секој понеделник, а сите позитивни наставници кои ќе бидат со општа добра здравствена состојба, да им се дозволи држење на наставата од домовите, без да им се одзема процентот за боледување, кој и не е така мал. После тоа сметам училниците треба да се проветруваат 5 минути по секој завршен час, а никако во текот на самиот час, предлага Беќаровски.

Докторот смета дека треба пред почеток на наставата, за време на големиот одмор и по часовите задолжителна дезинфекција на сите простории.

-Одлуката за носење маски на секое дете до 5 одделение да ја донесат неговите родители, со писмена изјава, додава Беќаровски.

Владата минатата недела одлучи второто полугодие во основните и средните училишта да почне утре со физичко присуство на учениците, при што зачестија барањата за почеток на второто полугодие со онлајн настава.

Слични содржини