Легендата на германскиот тенис Борис Бекер издржува затворска казна во Велика Британија за проневера, а неговиот живот зад решетки е една од главните медиумски теми.
Откако германските новинари објавија стории за Бекер кој се жалел на храна и услови во ќелијата, претставниците на поранешната тениска ѕвезда ги обвинија медиумите во неговата татковина дека објавуваат лажни стории.
Сепак, медиумите во Германија на чело со „Билд“ пренесуваат дека Бекер бил префрлен во друг затвор.
Тој бил одведен во затворот Вандсворт кон крајот на април, еден од најозлогласените во Велика Британија, но сега е префрлен во „HM Prison Huntercombe“.
Причината за тоа е што Германецот со своите барања и незадоволство премногу ги изнервирал чуварите и другите затвореници, па бил префрлен во затвор кој е само за мажи, на час и половина од Лондон.
Во него се сместени осуденици за полесни кривични дела, а постојат и индивидуални ќелии и услови за спортување.
Иако е осуден на две ипол години затвор, Бекер со добро однесување може да излезе на половина од затворската казна.
Фото: Profimedia