На легендарниот германски тенисер Борис Бекер (54) по отслужувањето на затворската казна му се заканува депортација од Велика Британија, јавуваат британските медиуми.
Поранешниот светски тенисер број еден и трикратен победник на „Вимблдон“ моментално отслужува затворска казна за затајување данок и проневера по банкрот.
Бекер беше осуден на 30 месеци затвор. Првите недели од казната ги поминал во озлогласениот затвор „Вандсворт“, а потоа бил префрлен во „ХМП Хантеркомб“, на околу 70 километри од Лондон, кој е затвор со помал ризик.
Островските медиуми јавуваат дека по излегувањето од затвор, на Бекер му се заканува депортација од Велика Британија како странец кој отслужил затворска казна од 12 месеци или повеќе.
Според друго сценарио, Бекер би можел да биде вратен во Германија пред да му истече казната, отслужувајќи го остатокот од своето време во својата татковина.
Германецот живее во Лондон од 2012 година, но никогаш не поднел барање за британско државјанство.
Бекер во текот на својата играчка кариера заработи повеќе од 130 милиони евра, но во 2017 година прогласи банкрот.
Во својата кариера освои 49 турнири, вклучувајќи и шест Гренд слем титули. Со германската репрезентација двапати го освои „Дејвис купот“ (1988, 1989).