Бекер со отворено срце за Ѓоковиќ: „Го сакам како брат, но мора да биде реален“

од Љубиша Владимиров
9 прегледи

Тениската легенда Борис Бекер во ексклузивно интервју за Курир.рс зборуваше за својот некогашен ученик и пријател, Новак Ѓоковиќ, токму на денот кога српскиот ас го прослави својот 38. роденден. „Го сакам како помлад брат. Му посакувам среќа на Ролан Гарос и само најдобро во животот,“ изјави Бекер, кој му беше тренер во еден од најуспешните периоди на неговата кариера. Тој призна дека Новак сè уште има тенис во себе, но посочи дека возраста е фактор што не смее да се игнорира.

„Мора да биде реален. Не може да игра вечно. Време е да размисли колку уште сака да се бори на терените,“ додаде Германецот.

Бекер верува дека Новак е најдобриот тенисер на сите времиња – бројките го потврдуваат тоа. Но, признава дека секоја ера има свои херои и дека директни споредби со минатите генерации се тешки. Говорејќи за неодамнешната разделба со тренерот Мареј, Бекер откри дека е изненаден, но не се сомнева во способностите на Ѓоковиќ: „Новак секогаш има ас во ракавот“. Тој исто така ја објасни причината зошто му е тешко на Новак да најде долгорочен тренер:

„Тој знае сè за тенисот. Тешко е да најдеш некој што ќе му биде авторитет“. Во меѓувреме, на својот 38. роденден, Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на АТП турнирот во Женева, победувајќи го Италијанецот Матео Арналди со 6:4, 6:4. Иако вториот сет започна лошо за него – губеше со 1:4, нервозно скрши рекет и го зграпчи коленото – Новак успеа да се врати и да освои пет гема по ред за победа.

„По кршењето на рекетот ја најдов својата игра. Стигнав до ментална рамнотежа и одиграв најдобро кога беше најпотребно,“ изјави Ѓоковиќ по мечот. Со оваа победа, тој влезе во своето 194-то АТП полуфинале, со шанса да се бори за 100-та титула во кариерата. Следен предизвик му е дуелот со победникот од натпреварот Попирин – Нори, закажан за петок по 15:30 часот. Ролан Гарос е веќе зад аголот, а дали Новак ќе има уште едно големо славје оваа сезона – останува да видиме.

Слични содржини