Бектеши бара партиите да потпишат договор: Тој што ќе ги изгуби изборите, повеќе да не се занимава со политика

од Nikola Popovski
485 прегледи

Министерот за економија и член на ДУИ, Крешник Бектеши денеска порача дека лидерот на неговата партија, Али Ахмети има надлежности да преговара со сите партии и невладини организации во делот на можно коалиционирање за наредните парламентарни избори. Според него, Ахмети веќе го прави тоа.

Бектеши истакнува дека во ДУИ веќе има целосна мобилизација на членството и се сигурни дека ќе победат.

-Дискутираме само која ќе биде разликата во гласовите. Во делот на претседателските избори, веќе излегуваат првичните анкети во кои што нашиот кандидат Бујар Османи има голема предност пред Таравари и многу е блиску за да влезе во вториот круг, со еден од кандидатите на другите партии, кажа Бектеши.

Вели дека не е важно дали ќе биде министер во иднина, туку најважно е, како што истакнува, да победи идејата и визијата на ДУИ.

Членот на владеачката партија ги повикува останатите партии да направат договор „тој што ќе изгуби, повеќе да не се занимава со политика“.

-Ја фрламе ракавицата, нека повелат сите партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаат, можеме да направиме и договор. Знаат од партијата дека не можат да се мерат со ДУИ во идеи и избори. Нека повелат и јавно да потпишеме дека тој што ќе ги изгуби изборите, нема веќе да се занимава со политика. Сите изгубиле избори и тоа повеќе пати, само г-динот Ахмети не изгубил и нема да изгуби избори, рече Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања.

Слични содржини