Министерот за економија, Крешник Бектеши демантира дека тој или некој од Владата учествува во преговорите меѓу ЕВН и жителите на Слупчане околу проблемот со дефектите во електродистрибутивната мрежа во селото. Како што вели, преговорите се водат директно меѓу засегнатите страни.
Според него, спиновите од некои опозициски партии споделуваат лажни вести во општеството.
Загубите на електрична енергија на ниво на државата се помали од тоа што чини „Белата палата“. Сакаат да оцрнат одредени граѓани во нашата држава. Никој од Владата не учествува во такви разговори. Ние сме за правна држава и сите обврски да бидат подмирени од сите граѓани, за услугите што ги добиваат, кажа Бектеши на брифинг со новинарите.
Министерот вели дека нема информации за тоа што е разговарано на состаноците меѓу слупчанци и ЕВН Македонија.
Би ги замолил и партиите и медиумите да не даваат лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија. Интерес на целата држава е да се намалат загубите на електрична енергија – тоа е големата слика, додаде Бектеши.
Вели дека завршило времето кога може некој од институција или политичка партија да интервернира на нешто што треба да се почитува законот.
Ние можеме само да придонесеме во решавање на проблемите, а не да интервенираме. Тоа време заврши. Ние сме за целосно почитување на законите. Да не ја тераме проблематиката во етнички поделби или регионални поделби. Тие жители се чесни, домаќини како секој граѓанин живеат во оваа држава и ги преземаат обврските, а најверојатно даваат и поголем придонес од ВМРО-ДПМНЕ. Се многу поголеми патриоти од нив, посочи Бектеши.
За во понеделник е закажан третиот состанок меѓу претставници на ЕВН и мештаните од Слупчане. Реконструкцијата на мрежата треба да започне на 9-ти август.