Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека граѓаните ќе добиваат топлинска енергија непречено до крајот на грејната сезона, како и дека потрошувачите не електрична енергија кои се на регулираниот пазар како што се домаќинствата ќе добиваат струја од домашните капацитети, за што, како што истакна веќе се направени сите неопходни подготовки.
„Откако АД ЕСМ ги направи и ги заврши сите подготовки скопјани имаат парно греење. Тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Граѓаните во континуитет ќе бидат снабдувани со топлинска енергија. Затоа не треба да се создава паника, бидејќи сите институции се подготвени навремено да го испорачуваат тоа што им е обврска“, рече Бектеши кој денеска на првиот ден од грејната сезона беше во посета на Топлана-Исток.
Тој истакна дека АД ЕСМ во рок успеале да ги завршат сите обврски и подготовки, и да ги земат лиценците, со цел да можат да испорачуваат топлинска енергија.
Во врска со снабдувањето со електрична енергија министерот за економија истакна дека во делот на регулираниот пазар домаќинствата, малите потрошувачи и дел од слободениот пазар цела зимска сезона ќе бидат снабдувани во континуитет со електрична енегија од домашни капацитети.
„Ние не зависиме од другите држави. Ние сами се подготувавме за се да покриваме домашно за да немаме зголемување и на цените и дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално. Затоа сите капацитети се ставаат веќе во функција, а денешниот ден секако дека е потврда на тоа дека последните неколку месеци директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски со неговиот тим и со поддршка на Владата ги направија сите подготовки денеска да имаме парно во градот Скопје. Електрична енергија имаме во континуитет за сите наши граѓани и тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Ние не зависиме од другите, ние ги правиме нашите подготовки, ние ги вклучуваме сите наши капацитети, а секако дека сите предлози се добредојдени, ќе ги разгледаме и како што сме ветиле најдобрите понуди во интерес на граѓаните ќе бидат прифатени од наша страна се со цел најевтино да ја поминеме оваа зимска сезона во делот на производство на електрична и на топлинска енергија“, рече Бектеши.
Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој заедно со Бектеши беше во посета на Топланата-Исток истакна дека граѓаните треба да бидат безбедни и оти ќе бидат обезбедени со топлинска енергија.
„Имаме обезбедено енергенс до крајот на месецов, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО ќе знаеме дали ќе повлекуваме топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе произведуваме топлинска енергија во нашите топлани коишто ги имаме под закуп од АД „Адора” во топланите Исток и Запад. Утринава во 5:50 часот беа пуштени топланите при температура од 9 степени, истите работеа до 9:15 минути кога се постигна надворешна температура од 12 степени и притоа во овој период беа испорачани 997 мегават часови топлинска енергија“, рече Ковачевски.