Министерот за економија, Крешник Бектеши информира дека и Македонија, по теркот на Србија, размислува да ги замрзне цените на основните прехранбени производи.
-Во склоп на Министерството за економија, секторот за трговија ги направи пресметките во делот на замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Предлогот е подготвен и во сабота или вторник ќе биде пратен до Владата, каде што ќе се разгледа. Најверојатно ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на лебот, брашното, млекото, зејтинот, можеби и месото, рече Бектеши во емисијата „Трилинг“.
Од земјите во регионот, владата на Србија веќе донесе одлука за ограничување на цената на основните прехранбени производи: шеќер, брашно од типот Т-400, сончогледово масло за јадење, свинско месо и млеко, така што тие нема да го надминуваат ценовното ниво од 15 ноември 2021 година.
Одлуката ќе се применува за период од 60 денови и предвидува производителите да не смеат да ги испорачуваат овие производи во количини помали од просекот во изминатите 12 месеци.