Бектеши: Не најавив санкции, туку оштета од Бугарија или ЕК за да се покрие разликата во гасот

од Nikola Popovski
309 прегледи

Министерот за економија, Крешник Бектеши порача дека нема да остапат од ставовите во делот на снабдување со природен гас од Бугарија. Тој рече дека е доставен допис до ЕК и до Бугар-Транс-Гас за да ја реиспитаат нивната одлука во делот на количините со кои се снабдува Македонија.

-Ние минатата година со поддршка на стратешките партнери обезбедивме количина од 180 милиони метри кубни, но нашата потрошувачка е околу 400 милиони. Ако се воведе такса за гас од Русија, тогаш треба да се ослободат количините кои ги закупил Газпром во нашиот интерконектор, со што ќе ни овозможи нас како држава преку пазарна економија, да бараме други извори за снабдување, кажа министерот, одговарајќи на новинарско прашање.

Според него, таксите ќе влијаат негативно во делот на оперативните трошоци на нашите компании.

-Ако Бугарија не ги ослободи количините, кои се нивна обврска, освен дописите, ќе почнеме и правна постапка против таа одлука. Не најавив санкции, туку оштета од ЕК или Бугарија за да се покрие разликата од околу 20% во делот на гасот од берзанските цени, истакна Бектеши.

-Како соседни држави, имаме договори за регионална соработка и сме задолжени за почитување на директивите на ЕУ, дециден е министерот.

Слични содржини