Бектеши очекува поддршка од 120 пратеници за реорганизацијата во Министерството за економија

од Vladimir Zorba
232 прегледи

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека очекува големо мнозинство од пратениците во Собранието да ја поддржат најавената реогранизација на Министерството за економија.

– Јас сум убеден дека не само две третини, туку 120 пратеници треба да гласаат за вакви законски решенија кои се носат преку дебата со сите засегнати страни, со надворешни и внатрешни експерти. Ако во случај одредена политичка партија одлучи да не се прави ваква реформа и ние да се вратиме назад, а не да одиме напред, тоа е нивна одговорност. Иако јас не верувам дека во нашето Собрание, освен можеби една политичка партија, Левица на пример, другите се против реформите, истакна вечерва министерот за економија Крешник Бектеши при гостување во емисијата „Топ Тема” на телевизија Телма.

Министерството за економија во моментот е институција која покрива 14 сектори и има осум агенции. До 1 јули во 2023 година ќе треба да се реорганизира во пет директорати, четири агенции да се спојат во две, два инспектората во еден и да има унифициран економски регулатор.

Бектеши посочи дека Министерството за економија е едно од трите министерства кои доброволно се пријавиле за учество во пилот проектот за реформи на јавната администрација што е финансиран од Европската Унија. Останатите две се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество и администрација.

– Не може во една институција со 14 сектори, се да потпише министерот. Прво, не може да постигне да потпише стотина лиценци, документи, известувања, одлуки, мислења. Значи треба да се делегира и одговорноста и работата на директоратите, на стручните лица кои таа работа ќе ја завршат согласно законските одредби, законските акти, правилници и регулативите кои произлегуваат законите за кои е надлежно едно министерство, нагласи министерот за економија.

Тој појасни дека целта на проектот е да имаме поквалитетни јавни услуги, со помалку трошоци и воедно да се зголеми степенот на професионалност на државната администрација, да има подобри услуги и за граѓаните и за бизнис секторот.

– Во Министерството за економија сум кажал и ќе повторам дека треба да се направи ваква реорганизација, заклучи Бектеши

Слични содржини