Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска учествуваше на Министерскиот состанок за Регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција кој што се одржи во Софија, Република Бугарија.
На Министерскиот состанок, министерите на земјите од регионот со претставници од Европската Унија разговараа за енергетската безбедност, потребата за итна рекација во нарушувањето со снабдување со енергенси како резултат од кризата во Украина, декарбонизацијата и зелената транзиција како и за формирањето на првата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ.
Бектеши во своето обраќањеистакна дека сите земји кои се присутни на овој Министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите.
„Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок“ кажа Бектеши.
Министерот се заблагодари на поддршката на Европската унија со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор во Северна Македонија со цел изградба на нови интеконектори и поголема поврзаност на мрежата не само во регионот, туку и Европа.
„Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема кинкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од „Газпром“ кажа Бектеши.
Министерот потенцираше дека историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите.
„Регионот произведува многу историски прашања и потребно е во овие тешки времиња, неопходно е да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји“, кажа Бектеши.