До крајот на неделата во координација со коморите, трговците и производителите ќе се донесе одлука дали и какви мерки ќе бидат донесени, најави вечерва во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24 министерот за економија Крешник Бектеши, откако по престанокот на претходните антикризни мерки (замрзнати маржи и намалено ДДВ) цените на одредени производи енормно се зголемија.
Според министерот, одредени трговци, кои имаат монопол на пазарот за одредени производи, драстично и вештачки ги зголемиле, некои за 50, но и до 70 отсто.
„Не помина ниту една недела каде одредени производи се зголемија, но тоа е само во делот на тестенините и на некои други производи. Кај маслото за јадење и други производи вратен е само процентот од делот на ДДВ. Ќе донесеме заклучок за сите инспекторати да излезат на терен и да проверат дали цените вештачки се зголемени. Има одредени компании кои вештачки ги зголемиле цените над 50 отсто па дури и до 70 отсто со цел да ја искористат ситуацијата на грбот да граѓаните. Не сакаат да се откажат од ниту еден процент во делот на профитот“, кажа Бектеши.