Во рамки на презентација на туристичката берза денес, министерот за економија, Крешник Бектеши се осврна и на претстојниот пакет мерки поради кој ја повика опозицијата да биде конструктивна и да овозможи да се донесат законите во Собранието, со цел што е можно побрзо овој пакет мерки да почне да се имплементира.
Бектеши истовремено апелираше и опозицијата да даде придонес во подобрувањето на мерките доколу има прифатливи идеи за стопанските комори.
Вели и дека законите нема да бидат заглавени во собраниските лавиринти, уверен е дека опозицијата тоа нема да го дозволи, но, сепак, оцени, можни се блокади во комисиите со поднесување дополнителни амандамни кои не би имале никаква врска со законските решенија.
„Сакам да ја повикам опозицијата да ги поддржи мерките кои се во полза на стопанството, вработените и граѓаните. Неколку од комисиите каде треба да се разгледаат овие законски решенија за да можат да се реализираат, а со кои заседаваат претставници од опозицијата, убеден сум дека тие ќе најдат сила за заеднички да работиме за побрзо да ги усвоиме законските решенија за да се имплементират мерките“, посочи Бектеши.
Како што вели министерот, ако правиме споредба со другите држави, земјава во моментов е речиси најотворена во делот на протоколите и рестриктивните мерки.
„Секако дека сме во контакт со сите соседни земји, разговараме. Убедени сме дека и преку вакви конференции и настани каде се вклучени сите чинители, ќе носиме што повеќе странски туристи. Во однос на аутгоинг туризмот, тоа не зависи само од нашата држава, туку и од другите земји каде нашите граѓани би сакале да ги поминат одморите“, потенцира Бектеши.
Инаку, во претстојните месеци со државите ќе се разговара, рече, за рестриктивните мерки – тие да бидат идентични за граѓаните да можат да патуваат.