Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја повика опозицијата да не ги кочи законите во Собранието кои значат поддршка за компаниите и за граѓаните. Побара од пратениците што поскоро да го усвојат Законот за задолжување во Светска банка за реализација на проекти за енергетска ефикасност, кој што неколку месеци е блокиран од страна на опозицијата во Собранието.
„Сакам да ги повикам сите пратеници да го усвојат заемот од Светска банка кој што е пратен до Собранието каде што ќе овозможи да се имплементираат проекти од страна на здравствените установи кои се многу важни од страна на општините, но истовремено таму е предвидена и техничка помош за одредени институции во државата. Законот е речиси блокиран од страна на опозицијата, поточно од ВМРО ДПМНЕ неколку месеци“ кажа министерот Бектеши денеска на прес -конференција на потпишување на договор за проект за улично осветлување во Крива Паланка.
Министерот побара и побрзо да се донесат законите за реализација на мерките од Петтиот сет.
„Што се однесува до законите кои произлегуваат од Петтиот сет мерки јас сум убеден дека ќе бидат поддржани од страна на сите пратеници бидејќи тие се насочени и кон компаниите и кон зачувување на работните места во приватниот сектор и има мерки кои директно влијаат врз загрозените граѓани во нашата држава“ кажа министерот.