Министерот за економија, Крешник Бектеши нема ништо против намалување на функционерските плати. Вели дека неговите примања се објавени на анкетниот лист.
-Колку е важно да биде висината, секој одлучува посебно. Јас транспарентно го објавив мојот анкетен лист и ако работната група одлучи некакво решение во делот на намалување или замрзнување, од моја страна ќе биде целосно поддржана како член на Владата, рече денеска Бектеши.
Владата бара издржано решение за платите на функционерите, кое нема да падне на Уставен суд. Премиерот Ковачевски, вели дека до следната недела на маса треба да има законско решение за корекција на функционерските плати. Работна група од економските ресори работела на ова. Премиерот посочи дека не може да има еден коефициент за пресметка на платите, поради фактот што носители на функции од различни области имаат различен коефициент.
Платите на функционерите се пресметуваат според коефициент кој зависи од позицијата и се движи од 2,2 до 4,5 а се опишани во член 12 од Законот за плати на избрани и именувани лица.
Новата министерска плата или платата на претседател на Врховен суд или на државниот јавен обвинител е околу 1.800 евра. За судиите и обвинителите се пресметува коефициентот 2,8 и платата ќе се движи во рангот на 1.400 евра додека кај градоначалниците ќе се множи со 2,7 и ќе изнесува нешто над 80 илјади денари.