БЕКТЕШИ СЕ УШТЕ АНАЛИЗИРА: Нема одлука за летното сметање на времето

од Берта Китинска
291 прегледи

Иако беше најавено дека минатиот петок ќе бидат објавени анализите за летното сметање на времето како мерка за штедење енергија од Министерството за економија за „Локално“ информираат дека анализата се уште не е завршена.

-Министерството за економија прави сеопфатна анализа во консултација со експертската јавност, надлежните институции и бизнис секторот за тоа како би влијаело и кои би биле ефектите за промена на сметањето на времето. Кога ќе биде изготвена анализата јавноста ќе биде навремено известена, велат од кабинетото на Бектеши.

Од ССМ во разговор за „Локално“, посочуваат дека за нив од највисок приоритет е да се обезбедат здрави и безбедни услови за работа на работниците.

-Основната идеја од воведувањето на летното сметање на времето е подобро да се искористи дневната светлост и да се заштеди со одложување и скратување на временскиот период за употребата на електрична (или друг вид) енергија за осветлување или греење. Земјите членки на ЕУ го воведоа ова летно сметање на времето заради несметано одвивање на дејностите на заедничкиот пазар и да се смалат трошоците за енергија, појаснуваат од Синдикатот.

Оттаму додаваат дека последниот збор ќе го кажат стручните лица, дополнувајќи дека „здравите и безбедни работници и граѓани се најважниот ресурс на секое општество“.

-Од друга страна бројни научни студии покажуваат дека поместувањето на часовниците негативно влијае на здравјето и биоритамот на луѓето и зголемување на кардиоваскуларните проблеми. Европската комисија во 2018 година предложи да се укине сезонското поместување на часовниците, а Европскиот парламент го поддржа предлогот, но земјите членки на ЕУ сеуште не се договориле во врска со предлогот.Последниот збор треба да го кажат стручните лица, за нас како претставници на работниците, поаѓајќи од тоа дека Сојузот на синдикатите на Македонија е репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер во државата, највисок приоритет ни е да се обезбедат здрави и безбедни услови за работа на работниците, затоа што здравите и безбедни работници и граѓани се најважниот ресурс на секое општество, посочуваат од ССМ.

КСОМ, проценува дека оваа мерка ќе има позитивни ефекти врз работниот процес и приватниот живот на работниците.

Марјан Ристески за „Локално“, вели дека оваа мерка за заштеда на електрична енергија „нема да има никакви негативни ефекти врз работниот процес“.

-Нашиот став е дека таа одлука е во ред . Мислам дека нема да има никакви негативни ефекти врз работниот процес, напротив ќе има доста позитивни ефекти како врз работниот процес така и врз приватниот живот на работниците и граѓаните, смета претседателот на КСОМ.

Премиерот Ковачевски минатата недела изјави дека има повеќе аргументи за тоа да остане летното сметање на времето, но за одлуката како што кажа ќе ги чека анализите од Министерството за економија.

Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час назад.

Ако се задржи летното сметање на времето ќе значи дека во зимските месеци сонцето ќе изгрева еден час подоцна, работниот ден со природна светлина ќе биде подолг, па наместо да почне да се стемнува во 16 часот, ќе се стемнува час подоцна.

Европската комисија пред четири години ја отвори дебатата за целосното укинување на менувањето на зимското и летното сметање на времето.

Анкетата спроведена во тоа време покажа дека околу 83 отсто од жителите на ЕУ изјавиле дека поддржуваат укинување на овој начин на пресметување, по што Комисијата достави официјален предлог до Европскиот парламент, кој го усвои во 2019. На сите држави им беше оставено сами да си одлучат што ќе прават, но во пракса не дојде до промени.

Б.М.

Слични содржини