Бектеши: Угостителите ги користат мерките, фондот дополнет со уште 8 милиони евра

од Берта Китинска
330 прегледи

Министерот за економија Kрешник Бектеши денеска изјави дека не се вистинити информациите што вчера ги изнесе Туристичко угостителската комора на Македонија дека правните субјекти од угостителските дејности нема да ги користат мерките за поддршка, бидејќи поради големиот интерес фондот за средства преку Банката за развој бил дополнет со 8 милиони евра. Сега, рече Бектеши, не е време за уцени, туку време кога секој треба да понесе по дел од товарот и време да се даде конструктивен придонес за подобрување на мерките.

Владата, потенцира, уште на почетокот на кризата укажа и имаше целосно разбирање за секторите туризам, угостителство и транспорт и од овие причини првите мерки кои се донесоа ги опфатиja токму овие сектори со овозможување да искористат бескаматни кредити, како и субвенционирани придонеси.

– Свесни сме дека голем број од компаниите од овие сектори се директно опфатени со кризата и од тие причини Владата во вториот пакет на мерки истите ги дополни со нови мерки, односно преку Банката за развој обезбеди дополнителни средства, бескаматен кредит, а за компаниите да искористат средства за исплата на минимална плата од 14.500 денари за вработен. Укажувањата на угостителите дека нема да ги користат овие мерки сметаме дека не се точни, имајќи го предвид податокот од Банката за развој каде што како Влада требаше да ги дополниме Фондот со дополнителни 8 милиони евра поради големиот интерес на компаниите токму од овој сектор, рече на денешната прес-конференција министерот Бектеши.

Тој додаде дека Министерството за економија активно е вклучено во носењето на сите мерки од страна на Владата и оти тие се донесени во соработка со приватниот сектор, односно стопанските комори и асоцијации во нашата држава.

-Како министер за економија лично имам присуствувано на состанок со сите стопански комори каде што барањата за исплата на минималната плата беше клучно за задржување на вработените во секторот, за сега да слушнеме од Туристичко-угостителската комора при ССКМ дека нема да ги искористат сите мерки. Очекуваме и како Министерство за економија и како Влада од стопанските комори забелешки или укажувања во делот на подобрување на критериумите за добивање на овие субвенции, но треба да се има предвид фактот дека за нас како Министерство за економија е многу важно субвенциите да одат кај вистинските угостители, односно угостители кои во минатиот период пред кризата редовно ги подмирувале сите давачки кон државата, истакна министерот за економија.

Тој потенцира дека многу скоро се извештаите за месец март од Државниот завод за статистика, за да се направат споредбени анализи за бројот на работници по индустрии и, како што рече, ќе се констатира дека бројката од 15.000 отпуштени работници во угостителскиот сектор е потполно неточна.

-Мораме да потенцираме дека мерките за забрана за вршење на дејноста во угостителските објекти е воведена на 14 март, додека согласно податоците од ДЗС месецот јануари го завршивме со позитивни бројки во угостителството, односно имавме зголемен број на туристи за 12 отсто додека во текот на оваа недела ги чекаме податоците и за февруари. Имајќи предвид дека се соочуваме со сериозен светски здравствен проблем најмалку очекуваме коректен и неполитизиран пристап од бизнис заедницата. Активно заеднички сме работеле и ќе продолжиме со работа со сите сектори во изнаоѓање на најдобрите мерки за ублажување на кризата, но без да го загрозиме ефикасното и ефективното работење на државните институции, рече Бектеши.

Групациите на угостители, според него, треба преку нивните матични комори да предложат мерки и конструктивно да учествуваат во нивното носење, без, како што посочи, да навлезат во паушални анализи кои не се базирани со реални бројки, а со тоа да шират неточни информации во јавноста.

-И за крај, ова не е време за уцени. Многу е јасно дека сите по нешто ќе изгубиме во оваа криза – работниците од платата, а угостителите секако од профитот. Државата исто ќе има големи загуби. Но, важно е сите да го пребродиме ова заеднички. Во угостителско-туристичкиот сектор во државата има над 30.000 вработени. Јасно е дека дел од нив постојано се во обид да работат на црно и постојано се креативни во изнаоѓање на решенија како да избегнат плаќање на давачки кон државата, а јас како министер за економија заеднички со инспекторите во целиот капацитет како и досега, но и од сега па натаму ќе продолжиме да ги санкционираме таквото работење, рече Бектеши.

Тој одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не би се согласил со констатацијата дека бизнисмените не се задоволни со мерките, особено, како што рече, имајќи ги предвид податиците кои ги има Владата.

-Само преку Банката за обнова и развој на Република Македонија веќе има стотици апликации за првиот јавен повик. Ние веќе ги дополнивме средствата со осум дополнителни милиони евра, имајќи го предвид големиот интерес што го покажуваат, особено компаниите од дејностите угостителство, туризам и транспорт. Истовремено ја објавивме и мерката за субвенционирање на минималните плати за сите работници, посебно од овие дејности и секако дека ние сите заедно посакуваме оваа криза да помине што побрзо и ќе излеземе со дополнителни мерки со кои главната цел ќе биде да го ублажиме и негативниот економски ефект што може да го има стопанството во нашата држава, нагласи Бектеши.

Вчера на прес-конференција Туристичко угостителската комора на Македонија објави дека субјектите што ги претставува нема да ги користат мерките, кои, како што рекоа се недоволни и селективни. Од информации со кои располагаат, посочија дека над 60 проценти од вработените во овие дејности или околу 15 илјади работници веќе се отпуштени.

Слични содржини