Бектеши: Во Арачиново наплатата на струја е над 95% – нема реакции за кражбата во центарот на Скопје

од Nikola Popovski
268 прегледи

Екс-министерот за економија и член на ДУИ, Крешник Бектеши реагираше по повод вчерашната објава дека познати кафеани, пекарници и кафулиња смислиле начини за кражба на струја со далечнско манипулирање на броилата. Ваквата вест ја поврзува со ситуацијата што пред две години се случуваше во скопско Арачиново кога имаше големи прекини во снабдувањето со електрична енергија поради неплаќањето на сметки од страна на локалните жители.

-Ги паметите реакците за Арачиново и Слупчане??? Таму наплатата е над 95%. Во центар на Скопје се краде струја, и тоа од познати угостители и познати компании. Количински загубите се колку што е потрошувачката на неколку села во државата. Реакции??? Или не е проблем што се злоупотребува, намерата е едни да се оцрнат, а другите можат што сакат да направат, прашува Бектеши преку објава на социјалните мрежи.

Во емисијата „КОД“ на Телма ТВ беше објавено дека системот на ЕВН веднаш алармира ако има отстапки во потрошувачката.

-По ваков сигнал за кој екипите на ЕВН се посомневале дека се работи за нелегално поставени фотоволтаици, брзо бил откриен нов начин за кражби на струја, со уред кој ја враќа струјата во системот. Уредот прво бил откриен во Струга, а веднаш потоа биле евидентирани уште неколку случаи во цела Македонија, посочија во емисијата за кражбата на струја.

Арачиново повеќе не е „црна овца“, за 422 отсто годинава е зголемена наплатата на данок во споредба со минатата година, тврдеше градоначалникот на оваа општина, Ридван Ибраими во декември 2023 година. По долги години критики дека жителите на Арачиново не плаќаат ниту даноци, ниту комунални такси, а долго се влечеше како опашка и проблемот со наплатата на струја, Ибраими вели дека сето тоа е минато.

Жителите на Арачиново пред две лета протестираа пред канцелариите на ЕВН во Скопје бидејќи два дена по ред беа без струја.

Слични содржини