Сите одлуки кои ги носиме се согласно Законот за трговија. Законот за трговија е дециден и таму е наведено и во членот 29 и во членот 30 какви мерки може да донесе Владата на предлог на Министерството за економија. Секој има право да тужи, ова е демократска држава. Отстапки нема да има. Ние не правиме никаков притисок, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во Дневникот на Сител телевизија како одговор на најавата на мелничко-пекарската индустрија дека одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари и обврската на пекарите да произведуваат и испорачуваат леб од 33 денари е незаконска.
„Колку што имаме информации, раководставото на овие здруженија ја немаат поддршката од нивните членови, најавија дека ќе повикат на бојкот. Имаме доставени дописи од страна на чесни стопанственици кои произведуваат леб во рамки на нивното здружение како им прават притисоци дека ќе бидат црни овци ако произведуваат леб од 29 и 30 денари, а тоа го прават од лични интереси. Оние кои го предложија овој бојкот имаат личен интерес и голем удел од пазарот“, кажа министерот Бектеши.
Според министерот дел од компаниите веќе се казнети од Државниот пазарен инспекторат за непочитување на одлуката за продажба на леб по цена од 33 денари на бел и полубел леб.
„Инспекциите на терен ќе продолжат да проверуваат. Се работи за 4-5 компании. Вакви нечесни стопанственици не треба ни да работат во државата и да не се занимаваат со овој бизнис. Сите овие компании според податоците од финансиските извештаи за 2022 година имаат зголемени профити, ние сме сите да работат успешно, но тоа да не биде на грбот на граѓаните.
Министертот ја повика опозицијата заедно да се донесе што побрзо Законот за солидарност каде што се вклучени сите оние компании кои направиле големи профити во државата и да плаќаат дополнителни даноци кои се до 30% од добивката.
„Ја повикувам опозицијата да не го блокира овој закон“ кажа министерот Бектеши.
Министерот појасни дека главно барање на компаниите од прехранбената индустрија беше да имаат субвенционирана струја што ќе влијае на намалување на цените, и Владата веднаш им излезе во пресрет.
„Сами кажаа дека ќе има намалување на цените до 12-13 проценти. Кај некои од компаниите имаше намалување на цените, но најголемите кои го покриваат најголемиот дел на пазарот немаа намалување на цената на производите и сакаа да профитираат од субвенционираната струја од Владата“ кажа министерот Бектеши, и дополни дека како резултат на ова Владата одлучи да ја укине субвенционираната струја за нив.
Бектеши истакна дека додека е ова раководство во Министерството за економија, овие компании нема да можат да имаат средба со нив, бидејќи, како што кажа, „дента кога ја најавија мерката истите ја прекршија додека работеа на црно“.
Министерот кажа дека се Министерството за економија прави анализи за замрзнување на цените на други основни прехранбени производи.
“Сите производи кои се наведени во Одлуката за ограничување на маржата се анализираат, во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки“ кажа министерот.