Бектеши: За туристичките и трговските центри не треба да важи недела како неработен ден

од Nikola Popovski
300 прегледи

Министерот за економија, Крешник Бектеши денес на прес-конференција изјави дека за некои од дејностите не треба да важи законското решение за недела неработен ден, како што се трговските и туристичките центри.

„Имајќи во предвид дека матичните закони во делот на трговијата и угостителството се во склоп на Министерството за економија јас и претходно имам кажано дека некои од дејностите треба да ги извлечеме од тоа законско решение“, изјави Бектеши.

Согласно анализата на Министерството за економија, тој смета дека во недела би требало да работи и трговијата на мало, а во делот на трговијата на големо одредени дејности можат да не работат во недела.

„Кај оние дејности што ќе работат во недела дневниците на вработените треба да бидат зголемени за најмалку 50 отсто од редовните дневници“, рече Бектеши.

Тој вели дека за таа цел во Министерството за економија се направени компаративни анализи со држави од соседството и со членки на ЕУ за дејностите кои влијаат во привлекување туристи, за развој на туризмот и дека тие дејности ќе бидат исклучени од законското решение кое е најавено од Министерствот за труд и социјална политика.

На прашањето дали во Владата има разногласие околу работењето во неделите, имајќи ги во предвид ставовите на вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска, Бектеши одговори дека матичниот закон со кој се уредува трговијата во нашата држава, го предлага Министерството за економија, односно Законот за трговија, како и Законот за угостителство и Законот за туризам.

Слични содржини