Советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливан, во програмата „Состојбата на нацијата“ на Си-Ен-Ен изјави дека американската влада и соопштила на Русија дека „ќе има последици“ доколку критичарот на Кремљ, Алексеј Навални умре во затвор.
„Ние и пренесовме на руската влада дека она што се случува со господинот Навални додека е во затвор е нивна одговорност и дека меѓународната заедница ќе ги смета за одговорни за неговата состојба“, изјави Саливан за Си-Ен-Ен.
„Што се однесува до конкретните мерки што би ги презеле, ние разгледуваме различни чекори што би можеле да ги преземеме, јас нема јавно да објавам какви се тие, но пренесовме дека ќе има последици доколку г. Навални умре“, додаде советникот за национална безбедност на Бајден.
Ројтерс претходно објави дека Навални има зголемен ризик од откажување на бубрезите, а видот му е ослабен по повеќе од две недели штрајк со глад.
Истакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, 44-годишниот Навални, започна да одбива храна на 31 март, во знак на протест затоа што не добива соодветна здравствена грижа поради акутна болка во ногата и грбот.
Соработниците на Алексеј Навални објавија дека планираат да организираат демонстрации во среда, за кои се надеваат дека ќе бидат најголемите улични протести во модерната руска историја, со цел да се сврти вниманието кон ослабеното здравје на Навални и кршењето на правата на неговите приврзаници.
„Работите се развиваат премногу брзо и одат во погрешна насока“, напишаа тие на веб-страницата на Навални, каде што објавија план за национални протести.
„Повеќе не можеме да чекаме и да одложуваме. Екстремната ситуација бара екстремни одлуки“.
Протестите, за кои властите сметаат дека се нелегални и кои полицијата насилно ги растураше претходно, се планираат за истиот ден кога претседателот Владимир Путин ќе одржи годишен говор за состојбата на земјата пред претставниците на руската политичка елита.
Синдикатот на руски лекари објави дека Навални е во критична состојба, повикувајќи се на тестови кои покажаа дека опозиционерот наскоро може да доживее откажување на бубрезите.
Претставниците на затворот велат дека на Навални му понудиле соодветна медицинска помош, но дека тој одбил и инсистирал да биде третиран од лекар надвор од затворскиот систем, кој тој ќе избере, што е барање што властите го одбија.
Рускиот амбасадор во Велика Британија во неделното интервју за Би-Би-Си рече дека Навални се обидува да го привлече вниманието на јавноста, но дека Москва ќе се погрижи да го одржи во живот.
„Нема да умре во затвор, но можам да кажам дека господинот Навални целосно се однесува како хулиган“, рече амбасадорот Андреј Келин. „Неговата цел е да привлече внимание“, додаде тој.