САД треба да го решат прашањето околу купувањето на рускиот противракетен систем „С-400“ од страна на Турција, за да може да се напредува во другите области, соопшти Белата куќа во текот на посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на Вашингтон.
„ За да се постигне напредок за другите прашања, од витално значење е да го решиме прашањето за турската набавка на рускиот противоздушен систем „С-400“, што ќе го засили нашето одбранбено партнерство“, наведе Белата куќа, пренесена од британските медиуми.
Ердоган престојува во Вашингтон каде претходно се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп го пофали својот однос со турскиот лидер, со кого се сретна во Белата куќа, во обид да се надминат растечките разлики меѓу двете земји, сојузници во НАТО.
Американскиот претседател претходно најави дека со својот турски колега ќе разговара за рускиот ракетен систем и потенцијалните билатерални трговски договори, што можат да достигнат вредност од 100 милијарди долари.