Белата куќа потврди дека американскиот претседател Џо Бајден ќе се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг во среда на 15-ти ноември.
Двајцата лидери ќе разговараат за билатералните односи меѓу САД и Кина, важноста од одржување на отворени линии на комуникација и голем број регионални и глобални прашања, се наведува во соопштението.
Се додава дека Бајден и Си ќе разговараат и за тоа како Вашингтон и Пекинг можат да соработуваат во областите каде што нивните интереси се усогласени, особено кога станува збор за транснационалните предизвици што ја засегаат меѓународната заедница.
Двајцата претседатели ќе се сретнат во Сан Франциско за време на самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC).