Фудбалската репрезентација на Белгија остана без селектор.
Медиумите во Белгија во петокот објавија дека Фудбалскиот сојуз на земјата го разрешил Доменико Тедеско, оставајќи ја сениорската репрезентација без селектор.
Очигледно ваквата одлука на федерацијата се очекуваше со недели, особено откако Тедеско не се појави на ждрепката за квалификациите за СП.
Состанокот во федерацијата во петокот беше само формалност, а се очекува во петок попладне белгиската куќа на фудбалот официјално да ја соопшти одлуката за ова прашање.
Тедеско имаше договор до 2026 година, но неговите резултати не беа задоволителни ниту на Европското првенство, ниту во Лигата на нации.
Мандатот на Тедеско започна брилијантно – без пораз во првите 13 меча, го заврши со една победа во последните шест дуели. Ќе остане запаметен како селектор кој беше причина некои играчи да одбијат неколку повици, додека Тибо Куртоа рече дека нема да брани за Белгија додека не се смени селекторот.