Лошата форма на Кристал Палас може да го чини местото на напаѓачот, Кристијан Бентеке на Светското првенство, откако сега не беше земен во белгискиот национален тим за контролната средба со Саудиска Арабија. Напаѓачот, кој постигна два гола за тимот од Лондон во текот на оваа сезона, не се најде во групата од 28 лица. Тимот беше прогласен денеска од селекторот Роберто Мартинез, а средбата ќе се одржи на 27-ми март во Брисел.
Запрашан од новинарите дали одлуката да не биде повикан Бентеке може да значи и крај за неговите надежи да се најде во репрезентацијата и летоска, тренерот одговори: „Кристијан е дел од нашата заедничка слика, во која влегуваат играчите за Светското, но сакам да видам и некои нови лица во натпреварот со Саудиска Арабија. Ние многу добро ги знаеме неговите квалитети, но во овој случај, тој не е со нас“.
За прв пат во националниот тим на Белгија беше повикан халфот Антони Лимбомбе од ФК Бриж, а исто така се враќа и Раџа Наинголан од Рома, кој пред тоа, пак, беше изваден од тренерот поради јавна провокација.
Мартинез рече дека заедно со федерацијата организирале уште три контролни пред Мундијалот 2018. Тоа се со Португалија на 2-ри јуни, со Египет на 6-ти и со Костарика на 11-ти истиот месец.
„Црвените ѓаволи“ стартуваат на Светското првенство против Панама на 18-ти јуни, а останатите две екипи во групата се Англија и Тунис