Белгискиот премиер Александар де Кро денеска изјави дека властите во земјата започнуваат истрага за наводното руско мешање во изборите за Европскиот парламент што ќе се одржат во јуни.
„Белгиските разузнавачки служби го потврдија постоењето на проруски (изборни) мрежи за мешање во активностите во неколку европски земји, а исто така и овде во Белгија“, изјави за новинарите Де Кро, чија земја во моментов претседава со Европската унија.
Тој додаде дека белгиското разузнавање соработува со чешките власти по откривањето на група луѓе во Чешка, кои наводно ширеле проруско влијание.