Белгиски експерти: Пандемиска исцрпеност која експлодира во сите возрасни групи

од Stefanija Kuzmanovska
494 прегледи

Белгиски експерти предупредуваат дека дошло до експлозија на исцрпеност предизвикана од нерамнотежата што пандемијата и рестриктивните мерки ги внеле во животот на граѓаните.

Белгиската телевизија RTBF известува за „феноменот на исцрпеност“ кој експлодира во сите возрасни групи, особено кај младите, предизвикан од губење на социјалните врски и општо чувство на несигурност кога станува збор за иднината.

Психолозите предупредуваат дека во Белгија стана невозможно да се одговори на сите повици од луѓе кои бараат психолошка помош.

„Зголемувањето на случаите на исцрпеност како резултат на пандемијата на коронавирус е очигледно и работи на повеќе нивоа. Некои пациенти се во таканаречена професионална истоштеност, бидејќи новите услови на работа на далечина доведоа подолго работно време или дури ги избришаа границите помеѓу професионалниот и приватниот живот“, вели психологот Гералд Мејс.

Психолозите предупредуваат и на фактот дека моментите на релаксација практично исчезнаа со одвојувањето на поединците од културни настани, спортски активности, патувања, семејни и пријателски собири.

„Вообичаените извори на рамнотежа исчезнаа, што доведува до екстремен замор. Внатрешната батерија на луѓето остана без енергија и стана невозможно да се најдат уреди за полнење“, се вели во анализата на RTBF.

Се додава дека населението е преоптоварено со информации поврзани со Ковид-19, кои тие повеќе не можат да ги „сортираат“ и дека состојбата со менталното здравје кај децата и адолесцентите е особено загрижувачка, со зголемување на депресија, анорексија, анксиозност и обиди за самоубиство.

Националните власти на Белгија наведуваат дека пандемијата во 2020 година имала катастрофален ефект врз сите аспекти на благосостојбата на населението, вклучувајќи ги и здравствените или социјалните односи, со посебни негативни последици за белгиската економија.

Од планираното зголемување на буџетот за здравство од 1,2 милијарди евра, 200 милиони ќе бидат наменети само за областа на менталното здравје на жителите на Белгија.

Слични содржини