Белгискиот фудбалер Стефан Омеонга, член на израелскиот Бнеи Сахнин, откри дека на Божиќ бил жртва на брутално полициско насилство.
На католичкиот празник, тој планирал да отпатува од Рим до Тел Авив, но пред полетувањето, работите одеднаш се искомплицирале.
„Не можам да ја толерирам оваа дискриминација. Бев жртва на полициска бруталност“, напиша Омеонга на социјалните мрежи, објаснувајќи го инцидентот.
„Откако седнав во авионот, ми пријде стјуардеса, тврдејќи дека има проблем со моите документи. Смирено прашав што е проблемот, убеден дека документите се во ред. Набрзо пристигна полиција, која ми стави лисици и насилно ме отстрани од авионот. Надвор од авионот ме фрлија на земја, ме тепаа и ми скокнаа на глава. Подоцна ме одведоа во полициско возило и одбија да ми пружат медицинска помош, иако беа присутни. Завршив неколку часа затворен во соба без храна и вода“.
Омеонга, кој кариерата ја започна во Андерлехт, настапуваше за клубови како Џенова, Ливингстон, Хибернијан и Пескара, а од летото 2023 година настапува за Бнеи Сахнин. За репрезентацијата на Белгија до 21 година забележа осум настапи.