Украинската полиција на 3 август објави дека покренала случај под сомнение за убиство откако исчезнатиот белоруски активист Виталиј Шишов беше пронајден мртов во парк во близина на неговата куќа во Киев.
Полицијата соопшти дека ќе ги испита сите можности, вклучително и убиство маскирано како самоубиство.
Невладината организација за која Шишов работеше „Белоруската куќа во Украина“ (БДУ), им помага на Белорусите да избегаат од прогонот на режимот на Александар Лукашенко, кој води брутални акции откако масовните протести го оспорија неговото барање да биде реизбран за шести претседателски мандат во август 2020 година.
„Белорускиот државјанин Виталиј Шишов, кој исчезна вчера (понеделник, 2 август) во Киев, денеска е пронајден обесен во еден од парковите во Киев, недалеку од неговото место на живеење“, се вели во соопштението на полицијата.
На 2 август, БДУ на Телеграм изјави дека активистот очигледно отишол на дневно трчање истиот ден и не се вратил.
Организацијата рече дека облеката за вежбање на Шишов не била во неговата куќа и дека обидите за контакт со него биле неуспешни.
Членовите на БДУ ја истражиле областа каде Шишов обично џогира и ја контактирале полицијата.
Шишов е по потекло од градот Речица во југоисточна Белорусија, а се преселил во Украина по спорните претседателски избори во земјата во август 2020 година, на кои победи Лукашенко, што доведе до масовни улични протести.