Напаѓачот Андреа Белоти се збогува со навивачите на Торино. Како дел од „биковите“ 28-годишниот Италијанец помина 7 години. За Торино има 251 натпревар и 113 гола.
Се очекува стрелецот да потпише 3-годишен договор со Рома.
„Почитуван Торино и навивачи на клубот, тешко е да се опише низ што поминавме во последните седум години. Бев дете кога дојдов овде и пораснав со вредностите на клубот. Дадов се од себе на секој тренинг и на секој натпревар за да ја возвратам вашата љубов кон мене. Страдавме и се радувавме заедно, сакам да ви се заблагодарам. Знам дека моето молчење ве повреди и барам да ми простите, но некои ситуации ме принудија на тоа. Сега заминувам како маж и како татко, знаејќи дека го дадов максимумот низ годините. Ова не е збогум, бидејќи Торино секогаш ќе биде мојот дом. Ви благодарам за се“, напиша Белоти на социјалните мрежи.
Напаѓачот постигна осум гола и даде една асистенција на 23 настапи за Торино во сите натпреварувања минатата сезона.