Анонимниот графити уметник познат како Бенкси ги повика луѓето да ја посетат продавницата на модниот бренд „Гес“ на Риџент стрит и „слободно“ да облечат парче облека од колекцијата инспирирана од неговата работа, бидејќи и тие ги користеле неговите уметнички дела „без да прашаат“. Бенкси прашува: „Како тоа може да не е во ред?“.
Бенкси на своите 11,6 милиони фанови на Инстаграм сподели фотографија од излогот на „Гес“ во центарот на Лондон, обвинувајќи го американскиот моден бренд дека му ја „украл“ работата. Анонимниот уметник ги поттикна луѓето да одат и слободно да користат облека од колекцијата инспирирана од неговата работа.
Над сликата напиша: „Ги повикувам сите крадци. Ве молам, одете во продавницата на „Гес“ во улицата Реџент. Тие ги користеа моите уметнички дела без да прашаат, па како може да биде погрешно ако го правите истото со нивната облека?“.
Инаку, зад куклите на прозорецот облечени во маици, јакни и модни додатоци инспирирани од неговите графити, стоеше слика од неговиот графит на кој е прикажан Палестинец кој фрла букет цвеќе.
На веб-страницата на „Гес“ е наведено дека новата колекција облека е создадена „во партнерство со „Brandalised“, компанија која обезбедува авторски права на графити од целиот свет, на чија веб-страница исто така се наведува дека на обожавателите им нудат можност да купат „достапни предмети со принт од колекцијата на најдобрите графити“.
„Brandalised“ има голем број продавници во Велика Британија и САД и тие објавуваат голем број дела на Бенкси главно на нивната веб-страница и профилот на Инстаграм.
Во изјавата за медиумите пред претставувањето на новата колекција, главниот креативен директор на „Гес“, Пол Марчиано, истакна дека: „Графитите на Бенкси имаа неверојатно влијание што одекнува низ целата планета. Оваа нова колекција создадена во соработка со „Brandalised“ е начин модната индустрија да ја покаже својата благодарност“.
Новата колекција „Гес“ содржи облека за мажи, жени и деца и ги користи сликите на Бенкси, вклучително и познатата кралица на графити со молња во стилот на Дејвид Боуви насликана преку лицето, постер Livin’ The Dream Disney и Thug For Life Bunny. Цените се движат од околу 35 фунти до околу 225 фунти.
По објавата на Бенкси на Инстаграм, вработените во продавницата ја покриле внатрешноста на прозорецот со обична хартија и ги прикриле споменатите графити.
На почетокот на оваа недела, Бенкси поднесе барање до Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија да му се дозволи да ги задржи авторските права на еден од неговите најпознати графити, мајмун кој носи рекламен сендвич.