Бензема: Немаше да успееме без поддршката од навивачите

од Vladimir Zorba

По големиот пресврт (3:1) во вториот дел, Реал го анулира поразот од првиот меч во Париз (0:1), во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите одигран во Мадрид. Со трите гола на Карим Бензема го совлада Пари Сен Жермен и се пласираше меѓу осумте најдобри европски екипи.

– Немаше да успееме во сето ова без поддршката од навивачите, изјави Бензема и додаде:

– Ни требаше само тој ветер во грб и ова е за нив. Беше многу тежок натпревар, но издржавме до крајот и ја заслуживме победата. Го загубивме првиот натпревар, губевме на полувреме, многумина можеби ќе се откажеа, но ги имаме нашите навивачи кои не натераа да го дадеме максимумот до последниот судиски свиреж.

Првиот гол на Бензема за 1:1 предизвика контроверзии. Дали имаше прекршок врз Донарума, кој си „играше“ во својот петерец, погреши, а Реал и Бензема знаеја како да го казнат.

– Не, не беше виновен Донарума. Ова е резултат на притисокот од целиот наш тим, одговори Французинот.

Реал во четвртфиналето им се приклучи на Ливерпул и Баерн, а синоќа Манчестер Сити го потврди пласманот во следната рунда од Лигата на шампионите.

Слични содржини